Дебата на Караванот на слободата во Тетово

Дебатата на темa „Македонија; со или без слобода“, по четврти пат, и во Тетово го означи почетокот на мултимедијалниот настан на Караванот на слободата, што го спроведува ЦИВИЛ – Центар за слобода со поддршка од УСАИД

За слободата дебатираа Кристина Озимец, новинар-истражувач во веб-порталот Нова ТВ, Петар Младеновски од бендот „Суперхикс“ и граѓанскиот активист и политиколог Артан Садику.

IMG_8777

На прашањето дали секој од нив се чувствува слободен, Озимец, одговори: „Во Македонија не е проблем да се биде слободен, проблемот се последиците со кои ќе се соочиш, откако ќе бидеш слободен“. Зборувајќи за слободата во нејзината сфера, Озимец потенцираше дека новинарството во Македонија не е слободно, што се потврдува и со извештаите на сите организации, домашни и странски, кои прават анализи на оваа тема, но дека за среќа, има слободни новинари. „Не се многу, барем не толку колку што треба да бидат слободни и можеби не се здружени, но ги има“, рече таа.

IMG_8782

„Не дозволувам никој да ми ја земе и ограничи слободата! Не дека нема опструкции и обиди да ни се ограничи слободата, и да се влијае врз нашата работа, но не дозволувам да влијаат врз мене“, е ставот на музичарот Младеновски, на прашањето колку тој лично е слободен.

IMG_8866

За политикологот Садику, слободата во Македонија е ограничена од државата, преку законите. „Власта не дозволува да имаме приватен домен“, рече Садику, кој зборуваше за слободата, и преку осврт на тоа како се живее во Тетово. „Се соочуваме со блокада на урбанизмот, немаме слобода на движење, нема тротоари, воздухот е загаден, немаме чиста вода. Општина Тетово се однесува како да е културна организација, вода нема во Тетово, а општината организира пет фестивали!“, истакна Садику, посочувајќи ги проблемите со кои се соочуваат жителите на градот одкој потекнува.

„Пристрасното известување, кое служи како пропаганда на владејачката партија, сметам, дека некогаш е полошо од тоа – воопшто да не се известува, затоа што со известување кое не ја пренесува реалноста, оневозможува граѓаните да се борат за подобрување на состојбата и да се бара одговорност. Тоа се случи со известувањето од поплавите“ , рече Озмец.

IMG_8871

Зборувајќи за уметниците, за музичарите кои творат ангажирана музика, иронизирајќи ја ситуацијата, Младеновски посочи дека во Македонија има многу ангажирани музичари, ангажирани за партија, за субвенции… „Македонците и Албанците се обединети во молкот!“, беше заклучокот што го сподели Младеновски.

„Најважно е да се практикува, колективно слободата. Најголема грешка е да се обвинуваат граѓаните. Работата на оние кои се активисти, на здруженијата…, е цело време да нудат нови настани и можности за граѓаните да се вклучат. Борбата за слобода треба да се сфати како животен идеал, животна кауза. Ниедна промена на подобро не се случила во краток рок. Сега, улицата е домен на политичко дејствување“, смета Садику, повикувајќи на упорност и истрајност.

Караванот на слободата на ЦИВИЛ ќе посети над 30 општини низ целата земја, а на програмата се наоѓаат девет големи мултимедијални настани, со учество на над 150 музичари, над 40 поетеси и поети и исто толку визуелни уметници, околу триесет учесници на дебатите и низа други уметници, интелектуалци, познати личности и активисти.

Целта на Караванот на слободата е преку влијанието на уметноста да ја разбуди граѓанската свест за учество во донесувањето одлуки на локално и национално ниво.