Ирена Стеријовска, режисерка: Сѐ на светот почнува од идеја!

На денешната дебата на Караванот на слободата во Кавадарци, учествува режисерката Ирена Стеријовска, една од најгласните активистки на Шарената револуција. Со нас зборува за уметноста и слободата.

ЦИВИЛ Медиа: Што е за тебе слобода?

СТЕРИЈОВСКА: Генерално, слободата има многу значења. Она значење за кое претпоставувам дека ме прашувате и што е најбитно и најактуелно е општествената слобода на граѓаните. Јас како уметник, можам да кажам дека најбитно во терминот слобода е слободата на творештво. Тоа е најбесценетото нешто што може да му се случи на уметникот, како слобода на простор, слобода на креирање, слобода на мисла, слобода на креирање на одредени идеологии. Најобјектвно и народски кажано, слобода е во Скопје да можеш да купиш пиво по седум часот. Слобода е да можеш да излезеш со другарите во парк и да не те тресат „алфи“. Слобода е да не живееш во полициска држава. Слобода е да можеш да протестираш таму каде што сакаш. Генерално, она што го носи слободата е тој младешки дух. Нашето општество е застарено и бајато. Веќе пајажина има фатено и мислам дека она што во моментов се раѓа е некоја искра, некое светло на крајот на тунелот што се вика слобода. Така што, мислам дека овој никулец што се појави во изминативе неколку години, треба да го негуваме како највредното нешто и да го направиме култура на размислување

ЦИВИЛ Медиа: Која е одговорноста на уметниците во борбата за слобода?

СТЕРИЈОВСКА: Првично, секој од нас има одговорност како граѓанин. И генерално, многу е тесна поврзаноста меѓу општествениот активист, како граѓанин и како уметник. Уметноста, доколку ја носиш во себе, е способност само на одреден начин да створиш некоја приказна преку која ќе ја пренесеш пораката. Она што сега е битно за уметниците е да останат силни. Уметноста изгуби многу луѓе, кои одлучија да не ја третираат онака како што таа заслужува. Уметникот денес треба да биде одговорен, треба да твори за подобрување на општествените прилики и се разбира, да нема автоцензура.

ЦИВИЛ Медија: Каде е во моментов местото на граѓанскиот активист?

СТЕРИЈОВСКА: Надвор на улица! По поплавени места каде што институциите потфрлиле. По улици каде институциите потфрлиле. Ние гледаме дека нема институција во државава која што функционира како што треба. Местото на граѓанските активисти и на секој што се залага за подобрување на, сега веќе, констатираната распадната ситуација на нашето општество, е на терен, борејќи се за ова зло полека да почне да се сузбива, да се минимизира, да се маргинализира и да се сведува на исклучок, а не на правило.

ЦИВИЛ Медиа: Која е твојата порака за Караванот на слободата?

СТЕРИЈОВСКА: Се на светот почнува од идеја. Слободата е идеја, исто како и рокенролот. Мора луѓето да веруваат дека може да биде подобро, затоа што на крајот од денот, навистна, од нив зависи. Луѓе ги прават законите, луѓе ги носат, луѓе ги гласаат… Значи, едноставно, во моментот кога ќе сфатиме дека реално моќта е во наши раце, тогаш сфаќаме дека слободата е баш тука, на дофат. Со организирање на самите себе, можеме да совладаме една голема пречка која се виде дека ни го руинира целиот систем. Пораката е: верувајте, луѓе, дека може да биде подобро и борете се!