Караванот на слободата со голем концерт во Велес

Post Image

Бени и Нон стоп, Ле ман и Лазар Ставров на Караванот на слободата во Велес. Првиот од серијата 9 големи концерти и 27 мултимедијални настани, што ќе ги реализира ЦИВИЛ – Центар за слобода со поддршка од УСАИД, е закажан за петок, 5 ти август,  во Младинскиот парк (Амфитеатар) во Велес.

VELES ad 01

Од 16:00 часот во Велес – Слободна зона ќе бидат поставени инфо штандови на Караванот и други граѓански иницијативи,  а на сцената ќе настапат ди-џеј сетови на CIVIL Art Freedom Crew.

Од 18:30 до 20:00 часот ќе се одржи дебата на тема „Македонија, со или без слобода“, на која ќе учествуваат Игор Смилев, активист, Арбен Шаќири, музичар и Убавка Јаневска, новинар.

Во склоп на програмата на настанот ќе се одржуваат и поетски читања на кои ќе учествуваат поетесите Александра Спасеска и Ивана Смилевска, актерот Самоил Стојановски и поетот Љубомир Михајловски, уметнички работилници и изложба Слобода во боја на авторите Мирослав Стојановиќ, Лидија Пајевиќ, Ерина Богоева, Кристина Нановиќ, Теа Пупкова, Касиопеја Наумовска и Сали Ертунч, како и видео проекции „Слики што движат“. За Музиката на слободата и добра забава ќе се погрижат: Лазар Ставров (The Gandhies), Ле ман и Бени – Нон Стоп.

Ден претходно, на 4 август, Караванот на слободата со помали мултимедијални настани ќе ги посети соседните општини Кавадарци, Неготино, Градско и Чашка. Овие настани и концертот во Велес се првите од повеќе мултимедијални настани кои ќе се организираат во периодот од 5 август до 1 октомври во 27 градови низ цела Македонија, на кои ќе учествуваат многу познати бендови и музичари, сликари, актери, поети… Освен музика, ќе има и многу поезија, театар, видео проекции, изложби, работилници и дебати за слободата. Целта на Караванот на слободата е преку влијанието на уметноста да ја разбуди граѓанската свест и граѓанското учество во процесот на донесување одлуки на локално и национално ниво.