Шутка рома рап: Слободата не познава граници!

Шутка рома рап – бенд кој е многу попознат за фестивалските сцени и публиката надвор од земјава, отколку во сопствената татковина. Слично на англиските Asian Dub Foundation, бендот е настанат како резултат на проект на граѓанска организација, по што продолжува успешно да се развива и со својата музика да ја плени публиката ширум Европа. Како дел од програмата на Караванот на слободата, кој го организира ЦИВИЛ – Центар за слобода,  ќе настапат во три градови во земјата: во Прилеп на 19 август, во Куманово на 2 септември и во Скопје на еден од трите големи концерти на Караванот на крајот на септември 2016. 

До сега настапиле на повеќе реномирани европски фестивали, како Сигет во Унгарија и Роскилде во Данска. За нивниот успех надвор од границите на земјата говори и фактот што група музичари од Шведска, заинтересирани да свират плех музика, доаѓаат во Шутка, за да научат како се прави тоа од овие велемајстори на ромскиот мелос. Нивните песни изобилуваат со општествено ангажирани текстови, кои говорат за слободата на луѓето, за субината на Ромите во светот, за гетоизирање на цели општествени групи. Како општествено и социјално ангажирани уметници, со Исмет Амети и Мендо Селман од Шутка рома рап зборуваме за музиката и слободата.

ЦИВИЛ Медиа: Што за вас претставува слободата?

Шутка рома рап: Ромскиот народ ја сака слободата во секоја смисла на зборот. Слободата ја сакаме повеќе од сите други, затоа и нѐ има насекаде во светот, ги преминуваме сите граници!

ЦИВИЛ Медиа: Колку уметникот треба да жртвува за да биде слободен?

Шутка рома рап: За успех секогаш треба жртва, но на крајот на денот, се исплати.

ЦИВИЛ Медиа: Што мислите за Караванот на слободата?

Шутка рома рап: Благодарни сме што не поканивте да бидеме дел од Караванот на слободата и да докажеме дека сме дел од оваа борба за слобода. Караванот го гледаме како можност повеќе да се доближиме до македонската публика.

Погледнете го целосното интервју со Шутка рома рап:

 

Целта на Караванот на слободата е преку влијанието на уметноста да ја разбуди граѓанската свест и граѓанското учество во процесот на донесување одлуки на локално и национално ниво.