Дарко Лешоски, поет: Уметниците платени да премолчат се најстрашни!

Дарко Лешоски е поет, кој со своите стихови ги помести границите на македонската современа поезија и успеа да ја доближи до публиката, особено на социјалните мрежи. Навидум срамежлив и повлечен, а сепак важи за еден од уметниците кои секогаш јасно го изразуваат својот став, па дури и по цена да бидат жестоко критикувани.

По повод завршниот концерт на Караванот на слободата кој ќе се одржи на 01 октомври, Лешоски подготви мало изненадување за скопската публика. Со него разговараме за уметноста и слободата.

 

ЦИВИЛ Медиа: Што за тебе претставува слободата?
Дарко Лешоски: Мене лично, интимно, ми претставува мерка за човечност, исто како да ме прашате што претставува хуманост. Еднаш кога разговарав со дедо ми за тоа кој колку е слободен да си каже нешто. Некако директно, алузивно ми објасни дека слободата е како чувство за чистота. „Ако за мене чаршафов е чист, за баба ти можеби не е“.

ЦИВИЛ Медиа: Колку уметникот жртвува за слободата?
Дарко Лешоски: Оние уметници кои за мене се пример за уметник, мислам дека жртвувале сѐ, дури и животот.

ЦИВИЛ Медиа: Дали во Македонија постојат општествено ангажирани уметници?
Дарко Лешоски: Постојат платени и постојат, би рекол, неплатени уметници. Ангажирани се двете страни. Но, мислам дека во Македонија има уметници кои се платени и да премолчат. Мене тие ми се најстрашни.

ЦИВИЛ Медиа: Која е твојата порака до Караванот на слободата?
Дарко Лешоски:
Мислам дека живееме во едно многу бурно и пресудно време. Би ги повикал сите да си кажат што мислат, да изградат свој став. Да го кажат својот став. Без разлика дали е исправен или не, за било чии мерила. Би порачал да си кажат што им лежи на душа, без страв!