Дориан Јовановиќ, „Стринг форсис“: Ни требаат промени!

„Стринг форсис“ (String Forces) се реномиран македонски бенд, формиран во 1995 година. До сега имаат изададено четири албуми, музика за филм, а имаат забележано и многубројни настапи на концертните и фестивалските сцени низ Македонија и на Балканот. Низ овие две децении творештво, нивната музика еволуираше од прогресив рок со дискретни традиционални мотиви до World Fusion базиран на традиционалната македонска чалгија со електронска позадина.

По повод нивниот настап на 23 септември во Штип на еден од големите мултимедијални настани на Караванот на слободата, зборувавме со Дориан Јовановиќ, фронтменот на бендот, за слободата и уметноста.


ЦИВИЛ Медиа: Што за тебе претставува слободата?
Дориан Јовановиќ: На страна од оние уставни и законски дефиниции, јас слободата ја гледам како чувство својот живот да го живеам и да се изразам во својот полн потенцијал на некаков начин. Да не биде државата или општеството таа што ќе го загрози тоа мое изразување, дали како некаков автор, дали како некаков инженер, научник, правник или што и да е.

ЦИВИЛ Медиа: Колку уметниците во Македонија се општествено и социјално ангажирани?
Дориан Јовановиќ: Тоа е растеглива категорија. Мислам дека кај нас е многу често ангажманот да биде базиран не на искрени чувства и на пориви и идеи, колку повеќе на некаков финансиски надоместок за својот ангажман во име на некаква партија или движење.

ЦИВИЛ Медиа: Колку уметниците треба да жртвуваат во име на слободата?
Дориан Јовановиќ: Па, да е во некое друго време, ќе треба да се каже и животот. Мислам дека времето повеќе не е такво и условите не се такви, меѓутоа дека не треба да го жртвуваат својот израз и својата идеологија или идеја, тоа не смеат никако! Се друго, е веќе работа на избор, до каде ќе се оди.

ЦИВИЛ Медиа: Која е вашата порака за Караванот на слободата?
Дориан Јовановиќ: Ни требаат промени. Државава ни е отидена во ќор сокак, треба да смениме нешто.