Ејупи: Македонија има потреба од жени во политиката!

За дебатата „Жените во политиката“, дел од активностите на Караванот на слободата, кој во изминативе три месеци организираше повеќе видови активности во над 40 општини низ целата земја, ЦИВИЛ Медиа направи видео-интервјуа со истоветни прашања со политичарките Влера Ејупи (ДРДПА), Радмила Шекеринска (СДСМ), Лилјана Поповска (ДОМ) и Теута Арифи (ДУИ).

Госпоѓата Ејупи не одговори на поставените прашања на кои одговараа нејзините колешки, туку даде изјава, во која го изнесе своето видување за темата.

 

„Tемата која поставувате денес е тема која секогаш била во фокусот на интересирањата на политичарите. Значи, позицијата на жената, или, улогата на жената во политичките партии. Јас, како Албанка, ќе говорам во името на албанскиот народ, како потомци на старите Илири. Сме имале, на пример, уште во годините 200 – 230, 240 пред нашата ера, жена која била кралица, илирската кралица Теута, којашто била извонредна политичарка од тој период. Затоа што таа имала извонредно претчувство, за да види или претчувствува, кога ѝ се заканува опасност – за неа, за нејзиното семејство, а особено, за нејзиниот народ…

Да зборуваме за овие посовремените феминистички движења, кога жените си ги бараат своите права, значи, да бидат еднакви со мажите во сите сфери на животот, па и во таа на политиката. Може да говорам, на пример, за делата на познатиот англиски писател, Лоренс, кој пишувал за женското движење, наречено „Движење на суфражетки“, кое се одвива некаде во дваесеттите години од минатиот век… Жената е суштество кое дава живот. Суштеството што се вика – жена, му дава на тој живот форма, како и духовно и ментално богатство. Освен тоа, жената е таа што овој живот го расте и го советува со најдобрите можни совети. Како што, на пример, го учи овој живот, најпрвин – да не лаже; второ – да зборува онака како што треба; трето – да знае да просудува; четврто –  секогаш да го кажува тоа што го мисли, без да наштети никому… Потоа, и многу, многу други работи што се учат. Една ваква жена, може да биде исклучително добра политичарка, бидејќи овие особености ги поседува само жената, благодарејќи на фактот дека таа создава живот…

Една добра политичарка, би била жена која би можела да направи многу за својот народ, за целото население на државата во која живее. Ние, како држава, дефинитивно имаме многу потреба од жени – политичарки, за кои мислам дека би се придржувале кон сите современи светски барања кои се во тренд. Како прво, луѓето да не се мразат меѓу себе. Второ, да гледаат на различноста како  на вредност, а не како на анти-вредност, како и многу други работи.

Жените по природа се праведни, жените се тие кои знаат да водат одлично, жените се имуни на многу лоши работи што често ни се појавуваат во општеството, како што е на пример, земање мито, мобинг на работното место…, тоа сум го доживеала и самата, и така натаму. Така што, оваа држава, има многу убави шанси, бидејќи има многу еманципирани и образовани жени, кои би можеле да ја водат напред. Ви благодарам уште еднаш за почитта“.

Ермин Климента

Дехран Муратов


Караванот на слободата е тримесечен фестивал, организиран од ЦИВИЛ и поддржан од УСАИД, кој ги користи уметноста и културата за да влијае на засилување на граѓанската свесност. Тоа е динамичен мултимедијален проект, што го поттикнува граѓанското учество во процесите на донесување одлуки на локално и национално ниво