Дебата: Македонија е заробена држава!

Post Image

Страв, закани, уцени и купување гласови се дел од секое предизборие во Македонија. Но, откако за време на актуелната власт, сите институции се ставени во функција на двете владеачки партии, Македонија стана заробена држава…, се дел од заклучоците од дебатата на тема „Предизвиците во изборниот процес во Република Македонија“, која вчера ја организираше ЦИВИЛ – Центар за слобода, во рамки на проектот Караван на слободата.

На дебатата на која беа емитувани видео-интервјуата на претставници на четири политички партии, Павле Трајанов (ДС), Петре Шилегов (СДСМ), Стојанче Ангелов (Достоинство) и Беким Фазлиу (ДПА), како експерти-панелисти учествуваа Драган Малиновски, поранешен претседател на Државната комисија за спречување на корупција, Малинка Ристевска – Јорданова од Институтот за европска политика, Миша Поповиќ од Институтот за демократија – Социетас Цивилис, Марија Ристеска од Центарот за истражување и креирање политики и Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии.

14963200_1850517458496934_5359454956383121063_n

 

Сите претставници на политичките партии беа согласни околу главната тема на дебатата – постоењето на политичка корупција во Македонија и имаа став дека е повеќе од неопходно да се стави крај на ваквата пракса во предизборниот период. Нивните ставови ги потврдија и експертите кои беа дел од дебатата.

14980780_1850517295163617_189335816622862312_n
Марија Ристеска

„Овие тактики ги користат сите политички партии во Македонија, како правењето листи на сопствени гласачи, кои ги користат на денот на избори. Сите политички партии се служат со вакви т.н. тактики на вадење на гласот за гласање. Тоа го има секаде во светот. Она што е загрижувачки, и што е проблем во Македонија, е користењето на страв, закана, уцена, како и купувањето на гласовите“, рече Марија Ристеска од Центарот за истражување и креирање на политики. Таа посочува и на фактот дека се укинати сите можни институции кои се бават со истражување и развој на јавната администрација и дека практично е невозможно да се докажат злоупотребите во предизборниот процес.

14962615_1850517095163637_3067578818958917133_n
Драган Малиновски

„Јавноста во Македонија, во пресрет на изборите, навистина ја мачи прашањето дали можеме да очекуваме кредибилни избори. Според мене, одговорот е во детермираноста на нештата, односно, ќе има кредибилни избори, кога ќе има кредибилни институции. А кога зборуваме за кредибилност на институциите, тогаш имаме сериозен проблем, дури и во извештаите на Европската комисија јасно се вели дека мораме да ги разграничиме државата и партијата. Македонија денес е заробена држава. Сите институции се во функција на партиите на власт“, тврди адвокатот Малиновски.

14956599_1850516975163649_4003291550698662383_n
Џевдет Хајредини

Наспроти тврдењето на Ристеска, дека не постојат цврсти и конкретни докази за политичка корупција и злоупотреба на гласачите, Џевдет Хајредини, како поранешен министер за финансии, посочи редица примери од претходните избори, токму за злоупотребите на власта и на гласачите. Според него, инсистирањето на избори и очекувањето на јавноста дека истите партии кои ги применувале овие форми на корупција, сега нешто ќе променат – е нелогично.

„Сите овие кои говорат за политичка корупција, ја користат истата. Некој порано, некој подоцна, во зависност од можностите“, рече Хајредини.

15027414_1850517055163641_4690623660141154755_n
Малинка Ристевска – Јордановска

„Најновиот извештај на Европската комисија е отворен. За жал, доведени сме во ситуација извештаите да кажуваат дека сме катастрофа, а дома имаме ‘розова’ реалност. Тие се пооптимистични за нашите избори, отколку самите ние. Ни велат дека ни треба влада која ќе ги исполни реформските приоритети, а истовремено, велат дека оваа Влада не е расположена за исполнување на приоритетите. Јасна е пораката – дека само нова влада може да ни донесе отворен пат кон Европа“, рече Малинка Ристевска – Јорданова.

Според неа, прв чекор кон решавање на проблемот е одговорноста. Таа смета дека крајно време е да се покренат постапки против оние кои на било кој начин ја злоупотребиле својата положба.

15027929_1850517048496975_4599958496953849019_n
Миша Поповиќ

„Преклопувањето на државата и партијата е симптом на заробената држава, како систем во кој институциите не работат за јавен интерес. Истовремено, тоа е систем на владеење и тој е прифатен од луѓето, како начин на кој се игра играта. Праксата покажува дека на тој начин се завршуваат изборите. За секоја пракса треба да се утврди кои се правилата. Она со што би требало да се позанимава граѓанскиот сектор, а се однесува на борбата против политичката корупција е прашањето: колку граѓаните на Македонија имаат пристап до ресурси и што од тоа, граѓанското општество може да им го понуди?“, рече Миша Поповиќ од Институтот за демократија.

Во контекст на прашањето како да се спречи политичката корупција, се разви богата дискусија во која учесниците имаат различни ставови, но она околу што сите беа согласни е фактот дека единствена надеж на македонските граѓани и граѓанки, во моментов, е Специјалното Јавно обвинителство. Во конткест на ова, Ристеска сподели резултати од едно истражување на Центарот за истражување и креирање политики, според кое, повеќе од 60% од граѓаните му веруваат на СЈО, односно, сакаат правна разрешница на сите криминали кои ги откри скандалот со прислушувањето.

14962695_1850546618494018_7248877790015314871_n
Антонио Павловски

Антонио Павловски од Институтот за човекови права, учествувајќи во дискусијата, рече дека корупцијата во Македонија ги надминува сите стандардни дефиниции, дека е двонасочна, и се поставува прашањето кој кого корумпира? „Ние сме во многу незавидна ситуација каде граѓаните прифаќаат да бидат корумпирани“, рече Павловски.

Заклучоците на денешната дебата беа дека Македонија е заробена држава, дека политичката корупција е на највисоко можно ниво и дека институциите мора да се департизираат доколку сакаме вистинска разрешница во полза на сите граѓанки и граѓани.

Маја Ивановска