Фазлиу: Неопходна е департизација, деполитизација и декриминализација на судската власт!

За дебатата „Предизвиците во изборниот процес во Република Македонија“, една од серијата дебати „Македонија: со или без слобода“ – дел од активностите на Караванот на слободата, кој во изминативе четири месеци организираше повеќе видови активности во над 40 општини низ целата земја, ЦИВИЛ Медиа направи видео-интервјуа со истоветни прашања, со политичарите Беким Фазлиу (ДПА),  Стојанче Ангелов (Достоинство), Петре Шилегов (СДСМ) и Павле Трајанов (Демократски сојуз)

 

ЦИВИЛ Медиа: Кои се главните предизвици во изборниот процес во Република Македонија?

ФАЗЛИУ: Kрајно време е Македонија, еднаш и засекогаш, да организира, пред сè, слободни избори, каде секој граѓанин, без страв, без каков било вид на закана, без каков било вид на притисок, ќе ја изрази својата волја слободно на денот на изборите. Да организира демократски избори, каде што сите учесници во изборниот процес ќе имаат еднакви услови, и за време на изборите и за време на изборната кампања и на денот на изборите, сè до завршувањето на изборниот процес. Да немаме злоупотреба на државните институции од власта, таа да организира фер избори, каде задолжително ќе се направи одвојување на партијата од државата, бидејќи на овој начин како што беше досега, претставува голем проблем тоа што не постои поделба меѓу партиите и власта. И, веродостојни избори, на кои ќе ги постигнеме сите највисоки меѓународни стандарди и изборите да бидат прифатени од сите, како домашните политички актери, така и релевантните домашни и релевантните меѓународни фактори.

ЦИВИЛ Медиа: Кои се коруптивните елементи кои ги користат политичките субјекти во своите кампањи?

ФАЗЛИУ: Па, видете, коруптивните елементи со кои се соочуваме на изборите доаѓаат од партиите кои се на власт. Затоа што, продолжува корупцијата за време на остварување на власта од партиите на власт, а масивната корупција продолжува и во текот на изборниот процес. Бидејќи нам, како Демократска партија на Албанците, ни е директен конкурент, главен политички ривал Демократската унија за интеграција, ние за време на изборните процеси сме се соочиле со следниве коруптивни елементи што ги прави оваа партија: прво, масовното купување на гласови од граѓаните, корупцијата преку обезбедување или ветување на работно место, а она што е најинтересно – масовно купување или корупција на самото членство на ДУИ од раководството на партијата, давајќи им пари во кеш на своите активисти за изборниот процес. Но, не заборавајте, секогаш корупцијата и криминалот одат рака под рака. Ако корупцијата не е успешна, тогаш влегува во игра криминалот, преку заплашување, преку уцена, притисок, како и рекетот што им се прави на бизнисите.

ЦИВИЛ Медиа: Како да се спречи политичката корупција во изборниот процес?

Фазлиу: Има само еден начин. Департизација на институциите, деполитизација на институциите и декриминализација на институциите. Над сè – департизација, деполитизација и декриминализација на судската власт. Треба да функционира правдата! Дури и денес, оние што направиле криминал на изборите, фалсификувањето на резултатите од 2013 година, за време на локалните избори во општина Чаир, како и изборниот криминал во 2011-тата, или во 2014 година од членови на ДУИ, треба да одговараат. А тие, не само што не одговараа за овој криминал, иако е документиран со факти и аргументи нивниот изборен криминал, туку тие продолжуваат и ден-денес да држат високи функции во власта. Правдата мора да функционира, и сите оние кои направиле изборен криминал и корупција, да одговараат.

Маја Ивановска

Камера: Дехран Муратов


Караванот на слободата е патувачки фестивал, организиран од ЦИВИЛ и поддржан од УСАИД, кој ги користи уметноста и културата за да влијае на засилување на граѓанската свесност. Тоа е динамичен мултимедијален проект, што го поттикнува граѓанското учество во процесите на донесување одлуки на локално и национално ниво, преку концерти, уметнички работилници, поетски и театарски перформанси, како и дебати и дискусии кои опфаќаат различни културни и општествени прашања кои се важни за граѓаните.