Академик Ќулавкова: Редно беше да се реагира, со години се молчи!

Педесетина македонски автори потпишаа „Проглас за достоинство на македонскиот писател и на македонската книжевност“, како директна реакција на резултатите од конкурсот на Министерството за култура во областа на издаваштвото. 

Академик Катица Ќулавкова, една од потписниците на Прогласот, во разговор за ЦИВИЛ Медиа вели дека го поддржува прогласот, пред сè, затоа што се работи за добри и млади автори.

Академик Катица Ќулавкова

„Го поддржав прогласот, затоа што редно беше да се реагира, со години се молчи. И ако добие некој поддршка за книга и слично, добиваат таква мизерна поддршка, што е сосема недолично и срамотно и вон сите критериуми. На програмата можам да ставам и многу други забелешки, не само на овогодинешната, се поддржуваат неиздавачи, центри, чудни книги, чудни наслови… Треба да се прашаат оние што имаат милионски суми годишно од издавачка дејност, зошто се тие поддржани и со кои наслови ги поддржува Министерството“, рече академик Ќулавкова.

Потписниците на Прогласот нагласуваат дека годинешната програма за остварување проекти од национален интерес во делот на издавачката дејност е конкретен доказ дека уривањето на писателското достоинство и деградирањето на книжевните вредности од државата, ja доживea својата највисока точка.

По дебатата која се разви на социјалните мрежи за потписниците на Прогласот, за тоа дека меѓу другото се работи за автори кои не се одбиени, туку автори кои се жалат за пари, авторката Кица Колбе на својот Фејсбук профил излезе со одбрана на потписниците.

Кица Колбе

„Најнапред, Прогласот е не само поплака на ‘навредени и понижени’ автори, уште помалку, на такви кои не добиле ‘пари’. Прогласот е протест против систематската девалвација на критериумите во третманот на литературата, а тоа требаше многу порано да се изрази во јавноста. Прогласот е и зародиш на еден Манифест, кој треба што поскоро да созрее во нас, авторите, за надминување на опортунистичкиот дух, кој се шири веќе подолго време од Министерството за култура, како монопол на финансиското поддржување на пишаниот збор, но и од некои издавачи… Против таквото девалвирање на литературното творештво стои мојот потпис под Прогласот. Не сум ‘одбиен’ автор – јас сум автор што одбива да биде манипулиран од било каков центар на моќ. Единствената моќ на која се потчинувам со скрушеноста на уметник е моќта на творечката дарба. Таа е изворот на уметничкото достоинство“, напиша Колбе.

Во прогласот стои дека во годинешната програма на Министерството за култура нема ниту едно дело на автори, првенствено прозаисти, кои се потврдиле како носечки имиња на новите вредности на македонската проза, ни ракописи од некои од најпотврдените македонски авторски пера, со исклучок на неколкумина.

Македонските автори, потписици на овој Проглас, од Министерството за култура бараат:

– поништување на објавената Годишна програма за 2017 година;

– утврдување јавно достапни, општоприфатени критериуми за одредување членови на Комисијата што ги вреднува ракописите и издавачките проекти (јавно соопштуваме дека сме подготвени да ги дадеме нашите првични предлози за овие критериуми), при што за секоја категорија издавачки проекти може да има одделна комисија, како и на критериуми за сите други комисии од областа на издаваштвото и книжевноста, формирани од државата;

– утврдување јавно достапни, општоприфатени, единствени критериуми за оценување на ракописите, односно на издавачките проекти;

– промена на севкупниот концепт на утврдување на програмата, преку разгледување повеќе посоодветни модели, кои во исто време, ќе овозможат секој пристигнат ракопис или проект темелно и студиозно, критички да биде прочитан од секој член на комисијата, кој ќе биде обврзан да се произнесе со писмена аргументирана критика (на пример, модел на отворен годишен конкурс, анонимно конкурирање на авторите и слично, што ќе овозможи и поголема авторска посветеност на проектите и постудиозен пристап на комисијата);

– задолжително писмено образложение на секоја оцена на комисијата, со утврдени задолжителни елементи на аргументација;

– задолжително намалување на вкупниот број издавачки проекти со кои може да конкурира еден издавач на Конкурсот за финансирање проекти од национален интерес (предлог – најмногу 15 наслови), со што, од една страна, и самите издавачи би поставиле построги критериуми за книжевните вредности на проектите, а, од друга страна, на комисиите би им се овозможило повеќе време за оценување на пристигнатите проекти;

– донесување единствени, општоприфатени критериуми за сите конкурси на државата што ги засегаат издавачките, односно книжевните проекти;

– донесување општоприфатени принципи на одлучување за начин на реализација на државните проекти во областа на издаваштвото;

– донесување единствени критериуми за авторски хонорари во областа на издаваштвото и книжевноста за проекти финансирани со средства од буџетот на Република Македонија;

– целосна департизација на државните одлуки во областа на издаваштвото;

– подготовка на нова годишна програма по исполнувањето на барањата.

Потписниците упатуваат апел до Министерството за култура да не разговара зад затворени врати, без да го чуе гласот на авторите.

Меѓу потписниците на овој Проглас, покрај академик Ќулавкова се најдоа имињата на Венко Андоновски, Петар Андоновски, Николина Андова Шопова, Игор Анѓелков, Зоран Анчевски, Олга Арбуљевска, Долорес Атанасова – Лори, Румена Бужаровска, Ѕвездан Георгиевски, Митко Гогов, Ана Голејшка, Живко Грозданоски, Димитрие Дурацовски, Лилјана Дирјан, Лидија Димковска, Богомил Ѓузел, Ѓоко Здравески, Благоја Иванов, Јовица Ивановски, Драгана Ефтимова, Кица Колбе, Сашо Кокаланов, Ѓорѓи Крстевски, Ристо Лазаров, Дарко Лешоски, Мане Манушев, Стефан Марковски, Владимир Мартиновски, Калина Малеска, Снежана Младеновска Анѓелков, Јагода Михајловска Георгиева, Горјан Милошевски, Силвија Митевска, Горана Митровиќ, Тихомир Јанчовски, Срѓан Јаничијевиќ, Ирена Јорданова, Ненад Јолдески, Томислав Османли, Фросина Пармаковска, Александар Прокопиев, Југослав Петровски, Иво Петровски, Винка Саздова, Љупчо Сиљаноски, Маја Стевановиќ, Давор Стојановски, Олгица Станковска, Милован Стефановски, Снежана Стојчевска, Сашо Тасевски, Оливера Ќорвезироска, Магдалена Хорват, Ивица Челиковиќ и Иван Шопов.

Маја Ивановска