„Нашата Фукушима“ – изложба за зближување на народите и културите

Post Image

„Нашата Фукушима“, проект кој има за цел зближување на народите и културите, како дел од глобалниот „Гоњоши арт проект“ што обединува повеќе од 400 уметници од целиот свет, ја најави својата последна изложба од серијалот интернационални групни изложби, која ќе се одржи од 20-ти до 30-ти јануари во Центарот за култура „Иван Мазов – Климе“ во Кавадарци.

Организатори на изложбата се Маја Кировска, ликовна уметница од Скопје, Јаготка Томовска, поетеса од Куманово и иницијаторите на глобалниот проект Ед Хансен и Фред ван Вели од Холандија.

„Соработката со холандските иницијатори на проектот Ед Хансен и Фред ван Вели започна всушност, преку учество на една друга изложба, организирана од холандски организатори, насловена – Global Village, каде беше учесник Ед Хансен. Тој е иницијатор на повеќе проекти не само на ‘Гоњоши aрт проектот’, туку на повеќе вакви групни, интернационални проекти“, изјави Маја Кировска за ЦИВИЛ Медиа.

Кировска ја објаснува целта на проектот како можност, преку уметноста да се подигне свеста за проблемите кои сé уште постојат, не само во Фукушима во Јапонија, туку и воопшто, во светот. „Со организирање на изложби во различни земји, овој проект има за цел да го привлече вниманието и на светските лидери на опасностите и несреќите кои можат да бидат предизвикани од неконтролираната употреба на нуклеарната енергија, со акцент на човечките трагедии, како резултат и последица на инцидентите.  Со неговиот меѓународен карактер, овој проект гради мостови меѓу народите и уметниците од различни земји, со цел да се намали јазот меѓу различни култури и да ги зближи луѓето“, вели Кировска.

Заинтересираните учесници имаа задача да создадат творби инспирирани од една од десетте предложени „Гоњоши“ песни од јапонскиот поет Таро Азизу. „Гоњоши“ е името што тој го даде за овој посебен вид поезија, напишана во 5 стиха, ослободена од правила за број на слогови, за должина на стих и за ритам што го употребува во своите песни.

„Уште во 2015 година почнавме да се организираме, собравме преку 100 дела, најдовме галериски простор и организиравме две изложби минатата година, во Скопје и во Куманово“, вели Кировска. Таа истакна дека иако е повеќе активна како уметник отколку како организатор, во овие неколку години, работи на организирање на вакви проекти.

„Преку разговори со посетителите и уметниците, ангажираната уметност има навистина големо влијание врз свеста на луѓето, а со тоа, и врз промените во општеството“, вели Кировска.

Маја Ивановска