Шесто издание на WatchOut фестивалот во Тетово

Post Image

WatchOut, филмски фестивал под отворено небо, во организација на Центарот за балканска соработка „Лоја“, со поддршка на Гете Институтот од Скопје, денеска започнува со шестото издание во Тетово.

Проекциите вечерва почнуваат во 20 часот, а фестивалот ќе трае до 26 мај.

Филмовите се поделени во три категории: краток филм, документарец и анимирани и експериментални филмови. Автори на 292 филма од 91 држава аплицирале за учество на фестивалот до крајниот рок – 30 април.

По еден филм во секоја категорија ќе биде награден од стручното жири, а добитниците се поканети да си ги подигнат наградите.

Оваа година како дел од фестивалот ќе биде презентиран проектот „Трансформерс“, поддржан од УСАИД, преку видео-материјали од веќе одржани уметнички инсталации и перформанси на тема – локални прашања и јавен дијалог за активно граѓанско учество.

Филмскиот фестивал ќе се одржи во амфитеатарот пред Музејот на комунизмот во Тетово.