Стефановски: Треба да се олесни животот на музичарите!

Македонскиот виртуоз на гитара Влатко Стефановски има низа конкретни предлози што ги адресира до Министерството за култура. На трибината на тема „Rock’n’Roll-от како Soundtrack за новото Министерство за култура на  Македонија“ што синоќа се одржи во Џебното кино на Младинскиот културен центар, тој побара реформираното Министерство да има повеќе слух за проектите од урбаната музичка култура.

„Да се организира простор каде што ќе свират македонските бендови. Не сме адекватни ниту за новата филхармонија, ниту за новиот театар, ниту сме за во Домот на АРМ, ниту за во ова кино во МКЦ… Едноставно, нема место каде да се свири“.

Низ својата реминисценција за статусот на рок музиката во главниот град на Македонија пред четири децении, тој рече: „Во седумдесеттите години, Скопје беше многу пристојно место за живеење, еден модерен, европски град со модернистичка архитектура, со многу фини цивилизирани луѓе што се занимаваа со разни дисциплини, меѓу другото имаше и музичари коишто ги слушаа Јес, Фокус, Френк Запа… Така што, појавата на ‘Леб и Сол’ не е случајна. Ние не паднавме од Марс. ‘Леб и Сол’ е плод на скопската кулурно-уметничка клима. Ние бевме чудо на Балканот, каде што одевме ‘трева веќе не никнуваше’, зашто после нас, веќе не можеше да се свири. Уживавме голема стравопочит, меѓу колегите, публиката…“

„Во ‘едноумието’ ја чувавме преку ноќ Штафетата што требаше на Тито да му се однесе, и свиреа 10 скопски бендови. Како е можно тогашните власти, структури, организации…, тогаш немаше ни Министерство, имаше СИЗ за култура, како може тие да имаат слух за рок ен рол, а во ‘демократија и слобода’ да се нема никаков слух за таква работа“, забележа Стефановски.

„Има една колизија, едно нетрпение меѓу официјалната и субверзивната, алтернативната или ако сакате, андреграунд културата. Aјде ве молам, замислете го Џони Ротер како пишува писмо до Министерство за култура за да му даде 300 фунти за албум. Тоа е невозможно луѓе, мене ми е срам… Покрај статусот што го уживам како самостоен уметник, веќе 30 години мене ми е срам да аплицирам до Министерство за култура, за кој било мој проект. Има колеги мои, што пишуваат молби, и добиваат пари за настапот во ‘Карнеги хол’ во Њујорк. Пари платени од Македонија, за некој да рече, ‘а бе јас сум многу голем уметник, имам настапено во Карнеги хол’. Да! Со чии пари? Со наши пари!“, поентираше музичарот Стефановски.

„За да не политизирам, имам конкретни предлози. Неприфатливо е да се наплаќа ДДВ од 18% од билети за концерти на рок, џез, па дури, и поп музика. Доскоро не плаќавме. Треба да им се олесни животот на музичарите, да им се овозможи бенефициран увоз на инструменти, да не плаќаме повторно ДДВ и царина… Ако сакам да купам гитара од 1.000 евра, треба да ѝ платам 500 евра на државата за таа електрична гитара… Во Министерството за култура доволна е една група, некоја комисија, којашто ќе ги разгледува предлозите од демо бендовите,  и не само од  младите, може и од постарите бендови што ќе аплицираат за снимање албум. Но, не симболично, албумот да биде снимен со 500 евра…“, порача Стефановски.

Текст и монтажа: Моника Талеска

Камера: Биљана Јордановска