Бени Шаќири: Човек ако нема слобода, нема ништо

Бени и Нон-Стоп е бенд кој успешно опстојува на сцената повеќе од 15 години, со свој препознатлив звук и стил. Покрај фактот што денес се еден од најпрепознатливите имиња на македонската рок сцена, овие момци преку својата музичка приказна совршено говорат за нивната свесност и општествена ангажираност. Во тој контекст, имаат подготвено мултиетничко цеде, симболично насловено Multivitamine music project, на кое се најдоа дванаесет песни – по две на јазиците на кои се зборува во Македонија: македонски, албански српски, турски, ромски и влашки. „Нема правда, нема мир“ е последната песна која е произлезена од актуелните општествени случувања во земјава. По повод настапот на Караванот на слободата на 5ти август во Велес, разговаравме со Арбен Бени Шаќири, на тема музикатa и слободата.

ЦИВИЛ Медиа: Што за Бени претставува слободата?

Бени: Слободата е неприкосновено човеково право. Човек ако нема слобода нема ништо.

ЦИВИЛ Медиа: Колку треба уметникот да се жртвува за слободата?

Бени: Слободниот израз е она фундаменталното што секој уметник треба да го носи во себе. Ако уметникот го нема чувството на слобода, тогаш, нема потреба да се бави со уметност.

ЦИВИЛ Медиа: Бени и Нон Стоп, на Караванот на слободата, на 5ти август во Велес…

Бени: Нашиот настап само ќе проба да го зголеми она по што сите ние посегнавме со овој караван, а тоа е, дефинитивно, изразување на слободата и добивање на слободата, она што нам како елементарно право ни следува.

Во продолжение погледнете го целосното интервју.

Целта на Караванот на слободата е преку влијанието на уметноста да ја разбуди граѓанската свест и граѓанското учество во процесот на донесување одлуки на локално и национално ниво.