Мирко Попов, музичар: Слободата е бунтовничка идеја!

Започнат како своевиден манифест против милениците на властите во далечната 1992, и подоцна оформен како бенд во 2003 година, PMG Kolektiv е несомнено една од највлијателните групи на македонската уметничка сцена. Тие се вистински постмодерен бенд произлезен од скопскиот асфалт, кој со неуморно работење, следење на актуелните музички трендови и огромното искуство, стана еден од водечките независни бендови во Македонија со повеќе издадени албуми и постојани турнеи.

По повод нивниот настап на Караванот на слободата, на тема уметноста и слободата зборувавме со Мирко Попов, основач на PMG Kolektiv.

ЦИВИЛ Медиа: Што за тебе претставува слободата?

ПОПОВ: Слободата е како некој вид болест. Некоја шашава, бунтовничка, болна идеја во главата на некој човек, родена, веројатно, многу одамна. Со оглед на тоа дека ние сме овде некои работни дронови на нашата цивилизација и секој од нас има некаква функција, помалку или повеќе слободно одбрана, додека ги завршуваме сите тие функции – стремејќи се кон сопствената смрт, некаде во меѓувреме, се јавуваат потреби од друг тип. Веројатно имаме потреба од некој друг вид на однесување, нешто што нема да биде сосема одредено и предодредено од некој сосема друг. Тоа е таа, некоја потреба, сам да си определиш некој простор за работа или простор за живеење. Пред се, тоа е во твојата глава, во главата на човекот, така што претпоставувам дека слободата е една таква болна, шашава идеја во главите на луѓето која ги тера да прават интересни работи.

ЦИВИЛ Медиа: Колку уметникот треба да жртвува за слободата?

ПОПОВ: Има различни видови уметници и претпоставувам дека ако ги генерализирам уметниците ќе згрешам нешто. Оние уметници кои мене ми се допаѓаат, или она што се обидувам јас да го правам, бара доста големи жртви, барем на почетокот, или барем во првиот дел од активноста, додека ти не се осознаеш каков си и што правиш. Ми се чини дека жртвите се огромни. На моменти има огромни откажувања. Но, како растеш и сраснуваш со својата уметност, работите полека почнуваат да ти се враќаат назад и токму оној слободен простор или простор кој можеби мислиш дека го жртвуваш, успеваш на некој начин да го добиеш назад, надграден и поквалитетен и побогат од она што мислиш дека си го жртвувал. Не мислам дека жртвата е воопшто тема на разговор. Едноставно, луѓето треба да жртвуваат што е можно повеќе, за да можат да добијат колку што можат повеќе.

ЦИВИЛ МедиаДали уметниците во Македонија се општествено и социјално ангажирани?

ПОПОВ: Ако бидам дарежлив и речам дека сите луѓе кои се бават со некаква уметност се уметници во Македонија, ќе морам да заклучам дека е катастрофално нивото на социјална ангажираност. Оние најпопуларните, најпознатите, просто никаде ги нема. Освен во некои, ајде да речам, алиби – хуманитарни акции кои се случуваат секојдневно. Социјален и уште помалку политички ангажман е привилегија или проблем на малкумина. Но, за среќа, некои од тие малкумина се многу гласни, многу солидни во тоа што го кажуваат, така што не можам да кажам дека сум незадоволен. Добро е што се случува!

ЦИВИЛ Медиа: Настапот на Караванот на слободата во Кавадарци…

ПОПОВ: Драго ми е што сме дел од Караванот на слободата, секој што носи некакви слободарски идеи или желба за било какво ослободување е наш пријател. Ќе имаме привилегија и чест што ќе настапиме во Кавадарци. Таму не сме биле неколку години и мислам дека ќе биде супер можност да се сретнеме со нашата публика во Кавадарци, а можеби и да запознаеме некои нови луѓе.