Самоил Стојановски, актер: Сами си ја ограничуваме слободата!

Самоил Стојановски е роден 1970 година. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности – Скопје во класата на проф. Владимир Милчин. На театарската сцена опстојува повеќе од три децении и има огромно сценско искуство со оглед на фактот дека е дете на даските што живот значат. Настапувал на многу домашни и меѓународни фестивали како „Стеријино позорје“ – Нови Сад, „МЕСС“ – Сараево, „Гавелини вечери“ – Загреб, МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп… Се јавува како организатор во проектите „Крајот на играта MMI“ (2001) и „Подзатворена врата“ (2003), како асистент на проектите „Подзатворена врата“, „Филип Втори“ (2007) и „Децата на сонцето“ (2009).  На Караванот на слободата на 5 ти август во Велес ќе настапи со монологот на Робеспјер од драмата „Смртта на Дантон“ на Георг Бихнер, изведуван за време на студентските протести во Белград во 1968 година.

ЦИВИЛ Медиа: Што значи слободата за вас?

Самоил: Ако речеме дека би требало да биде основна обврска да се трага по слободата, една од најбизарните работи е фактот што многу често самите си ја ограничуваме слободата… За уметникот, таа пред се е слобода на сопствено изразување.

ЦИВИЛ Медиа: Колку уметникот жртвува за слободата?

Самоил: Жртвува премногу: материјалистички побарувања, побарување за позиции. Многу често уметникот го жртвува семејното, понекогаш жртвува и статус. Но задоволството од оствареното е многу големо.

ЦИВИЛ Медиа: Во Велес настапувате со дел од монолог од „Смртта на Дантон“, од каде произлезе оваа идеја?

Самоил: Одамна имав желба да го изговорам овој монолог. Кога ми кажаа дека можам да бидам дел од Караванот, првата идеја што ми падна на ум беше монологот на Робеспјер кој го говореше Стево Жигон на студентските протести во Белград – 1968.

Целта на Караванот на слободата е преку влијанието на уметноста да ја разбуди граѓанската свест и граѓанското учество во процесот на донесување одлуки на локално и национално ниво.