В петок во Куманово – голем мултимедијален настан на Караванот на слободата!

Post Image

На 2 септември во Куманово ќе се одржи четвртиот голем мултимедијален хепенинг на Караванот на слободата. На големата сцена на Градскиот плоштад, кумановчани ќе уживаат во звуците на „Музиката на слободата“ отсвирена од Пеце „Суперхикс“, „Бла Бла Бла…“, Тони Зен и „Шутка рома рап“.

Меѓу главните активности на овој настан е и дебатата на тема „Македонија: со или без слобода“, која ќе започне од 18:30 часот во просториите на „Комитетот“ во Куманово.

14115664_1813991392149541_5019862176877679968_o

 

Покрај многу музика, настанот ќе биде збогатен со „Стихови на слободата“, ликовна работилница и изложба со заеднички наслов „Слобода во боја“, како и интересни видео проекции. Стихови на слободата ќе читаат Елена Пренџова, Бјондина Шерифи, Марија Јовановска, Арсим Јонузи и Митко Гогов. Уметничката работилница, пак, ќе ја предводи академскиот сликар Мирослав Стојановиќ и фотографката Лидија Пајевиќ, а на неа ќе учествуваат и уметниците Магдалена Саздовска, Валентина Илијевска и Дали Алили.

Истовремено, Караванот на слободата продолжува со хуманитарните акции за настраданите во неодамнешните поплави во скопскиот и тетовскиот регион. Пред сцената во Куманово ќе биде поставен штанд, на кој посетителите ќе можат да ги остават своите донации.

Караванот на слободата на ЦИВИЛ ќе посети над 30 општини низ целата земја, а на програмата се наоѓаат девет големи мултимедијални настани, со учество на над 150 музичари, над 40 поетеси и поети и исто толку визуелни уметници, околу триесет учесници на дебатите и низа други уметници, интелектуалци, познати личности и активисти.

Целта на Караванот на слободата е преку влијанието на уметноста да ја разбуди граѓанската свест за учество во донесувањето одлуки на локално и национално ниво. Проектот е поддржан од УСАИД.