Владан Дробицки, Сетстет: Општеството, а не уметникот, треба да се жртвува за слободата!

Сетстет (Sethstat) е  најдолговечниот македонски џез бенд. На сцената се речиси четврт век, но се бенд кој успешно се вклопува во модерното време, не заборавајќи на традиционалното во уметноста. Преку комбинација на модерни инструменти, повеќе џез правци и традиционален призвук, создаваат оригинална приказна која навистина има што да каже. Во своите композиции, освен традиционалните и слободни џез форми, користат фолк ритам, мелодии и мотиви како позадина, што ја прави нивната музика уникатна. Зад нив се неколку албуми, а настапувале на многу џез фестивали, во речиси сите клубови и концертни сали низ Македонија и пошироко во регионот: Белград, Будимпешта, Загреб, Сараево, Нови Сад…

Сетстет се подготвени одново да ја раскажат нивната приказна на 11ти август во Струмица, на концертот на Караванот на слободата кој го организира ЦИВИЛ. По тој повод, разговараме со Владан Дробицки – тромбон, еден од основачите на бендот, на тема – уметноста и слободата.

ЦИВИЛ Медиа: Што за вас претставува слободата?

Владан Дробицки: Слободата е некаква состојба при која секој може да прави што сака, а сепак не е анархија.

ЦИВИЛ Медиа: Каква жртва треба да направи уметникот за да дојде до слобода?

Владан Дробицки: Општеството, а не уметникот, треба да се жртвува за слободата. Луѓето треба да бидат доволно свесни и да научат да ги почитуваат сите околу себе.

ЦИВИЛ Медиа: Во моментов Сетстет работат на нов проект, може ли да ни кажете нешто повеќе околу тоа?

Владан Дробицки: Кај нас работата е константна. Се надевам дека во септември ќе биде готов новиот материјал.

Во продолжение погледнете го целосното интервју.

Целта на Караванот на слободата е преку влијанието на уметноста да ја разбуди граѓанската свест и граѓанското учество во процесот на донесување одлуки на локално и национално ниво.