Караванот на слободата денеска низ источна Македонија

Post Image

Денес, со почеток во 12 часот, на плоштадот во Штип, ЦИВИЛ – Центар за слобода ќе одржи прес-конференција, на која ќе ги најави денешните посети низ источна Македонија, како и утрешниот голем мултимедијален настан во Штип.

14305193_1822357517979595_2806305319108894683_o

По прес-конференцијата, Караванот ќе ги посети општините Радовиш, Свети Николе, Чешиново, Облешево, Карбиници, Кочани и Виница. Во текот на денот, тимовите на ЦИВИЛ ќе ја презентираат програмата и целта на Караванот пред граѓаните и со нив ќе зборуваат за човековите права и слободи.

Утрешниот мултимедијален настан започнува попладне со инфо-штандови, ди-џеј сетови и видео проекции. Во 18:30 часот, во малата општинска сала, ќе се одржи дебата на тема „Македонија: со или без слобода“. Потоа следува големиот концерт, на кој публиката ќе може да ги проследи настапите на Тони Зен, „Бла Бла Бла…“ и „Стринг Форсис“ и поетски читања, како и уметничка изложба и работилница на отворено.

Караванот на слободата е организиран од ЦИВИЛ – Центарот за слобода и поддржан од УСАИД, до сега одржа пет големи мултимедијални настани во Велес, Струмица, Кавадарци, Тетово и Куманово и посети над 30 општини низ земјата, нудејќи повеќе видови музички и уметнички настани, како и културни активности кои опфаќаат различни општествени прашања.

Караванот на слободата е тримесечен фестивал, кој ги користи уметноста и културата за да влијае на засилување на граѓанската свесност и граѓанското учество. Тој е динамичен мултимедијален проект, кој го поттикнува граѓанското учество во процесите на донесување одлуки на локално и национално ниво.