Слободата татнеше во Куманово

Post Image

„Добро вечер Куманово! Кога ќе се соберат повеќе луѓе од различни, национални, религиозни, полови определби на едно место да уживаат во моментот и во музиката – е тоа е слобода!“ – извика Тони Зен, кралот на рапот, како што го најавија неговите колеги од Шутка Рома Рап, го започна својот енергичен настап, а она што се случуваше на плоштадот во Куманово беше само потврда на неговите зборови.

fcp concert KU5
Караван на слободата, мултимедијален спектакл во Куманово, 2 септември 2016 година

Многубројната публика танцуваше и пееше во духот на слободата која се чувствуваше насекаде. Препознатливиот мелос на музиката на Шутка Рома Рап, Бла Бла Бла…, акустичниот перформанс на Пеце Суперхикс, придружуван од Петрит Сарачини и пораките за слобода кои ги испратија преку својата музика ја сплотија публиката од сите генерации, која од почеток до крај на настанот со аплауз и кренати раце ги поддржуваше сите учесници.

fcp concert KU
Blla Blla Blla…

Вистинска експлозија од емоции предизвикаа и Стиховите на слободата, кои на сцената, на неколку јазици, ги прочитаа  Елена Пренџова, Бјондина Шерифи, Марија Јовановска, Арсим Јонузи и Џабир Дерала. Емотивниот и енергичен настап на Дерала предизвика громогласен аплауз проследен со стотина гласови кои извикуваа СЛОБОДА! LIRI! FREEDOM!

fcp concert KU3
Шутка Рома Рап

Пораките за слобода беа пренесени и на платната на уметничката работилница, кои беа распослани пред големата сцена, на кои покрај академскиот сликар Мирослав Стојановиќ сликаше и уметницата Магдалена Саздовска, како и многу граѓани и најмладите, кои имаа желба своите чувства да ги претворат во уметност.

fcp concert KU4
Пеце Суперхикс (акустична сесија) и Петрит Сарачини

Синоќешниот мултимедијален спектакл на Караванот на слободата во Куманово се претвори во сведоштво и потврда на стремежот за слобода, на убавината на уметноста и на нејзината моќ да ги спои сите различности во една целина со една единствена цел – слобода. Кумановчани, како и многу пати до сега, докажаа дека ги сакаат и ценат уметноста и слободата и дека уживаат во нив.

Маја Ивановска