Трајанов: Ако државните институции се ослободат од стравот, режимот ќе падне!

За дебатата „Предизвиците во изборниот процес во Република Македонија“, една од серијата дебати „Македонија: со или без слобода“ – дел од активностите на Караванот на слободата, кој во изминативе четири месеци организираше повеќе видови активности во над 40 општини низ целата земја, ЦИВИЛ Медиа направи видео-интервјуа со истоветни прашања, со политичарите Павле Трајанов (Демократски сојуз), Стојанче Ангелов (Достоинство), Беким Фазлиу (ДПА) и Петре Шилегов (СДСМ).

ЦИВИЛ Медиа: Кои се главните предизвици во изборниот процес во Република Македонија?

ТРАЈАНОВ: Главен проблем со кој се соочуваме како партии коишто не се дел од „големата четворка“ е медиумската застапеност, особено, во таканаречените провладини медиуми, коишто не одвојуваат простор за другите политички партии, и тоа што го објавуваат е надвор од суштината, од сржта на настанот, од прес-конференцијата. Се разбира дека има и други проблеми. Се соочуваме со сериозни притисоци од владејачката партија врз наши активисти и членови, на кои им се ветуваат вработувања, унапредување на кариерата, а ако не успеат во тоа, потоа следат закани дека ќе ја загубат работата! Се вршат притисоци врз стопанственици. Тоа е еден сериозен проблем со којшто деновиве се соочуваме како Демократски сојуз на Македонија.

ЦИВИЛ Медиа: Кои се коруптивните елементи кои ги користат политичките субјекти во своите кампањи?

ТРАЈАНОВ: Сé она што го добиваме како информации е загрижувачко, особено, активностите коишто ги подготвува владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Тие селектираат влијателни луѓе кои не се од ВМРО-ДПМНЕ и преку нив, со корупција, со издвоена одредена сума на пари, ќе можат да купуваат гласови. Најголемиот проблем во следниот период и на денот на изборите е дали владејачката партија ќе успее да купи повеќе гласачи кои би гласале за нив. Со тој проблем се соочуваме, и затоа сметаме дека сите државни институции, особено МВР, мора да направат сé, и превентивно да делуваат, и оваа активност која се заговара наголемо, да биде блокирана и да не се реализира.

ЦИВИЛ Медиа: Како да се спречи политичката корупција во изборниот процес?

ТРАЈАНОВ: Тоа е најтешкото прашање, како да се спречи и како да профункционираат институциите? Граѓаните треба сами да пријавуваат, тоа јавно да објавуваат… Медиумите да посветат повеќе внимание на корупцијата што се случува меѓу граѓаните, од политичките партии кои што и притискаат и се закануваат, се обидуваат со купување гласови да постигнат подобар резултат. Нема друго решение, освен сите државни институции да се ослободат од стегите, да не се плашат! Режимот ќе падне! Тоа може да помогне многу, граѓаните да бидат слободни и слободно да разговараат и да ги насочуваат своите соговорници и исто така, слободно да гласаат на денот на изборите.

Маја Ивановска

Камера: Дехран Муратов


Караванот на слободата е патувачки фестивал, организиран од ЦИВИЛ и поддржан од УСАИД, кој ги користи уметноста и културата за да влијае на засилување на граѓанската свесност. Тоа е динамичен мултимедијален проект, што го поттикнува граѓанското учество во процесите на донесување одлуки на локално и национално ниво, преку концерти, уметнички работилници, поетски и театарски перформанси, како и дебати и дискусии кои опфаќаат различни културни и општествени прашања кои се важни за граѓаните.