Прослава на 45-годишнината на Младинскиот културен центар

Со изложба, концерти, поезија, филмови и отворање на музичка продавница – „Ап(о)тека“, Младинскиот културен центар, вечерва ќе го одбележи својот 45-ти роденден.

Богатата роденденска програма под наслов „Роденден“ ќе започне со изложбата „Номад“, ретроспективна изложба на цртежи, колажи и слики на Душан Герзиќ – Гера, кој работел како графички дизајнер (на летоци, постери, обвивки на плочи…) за музичките групи „Хаустор“, „Електрични оргазам“, „Идоли“, ЕКВ… Тој е еден од првите уметници во поранешна Југославија кој се занимавал со сликање на тело, ги сликал телата на Соња Савиќ, Марина Перазиќ, и на членовите на ЕКВ за нивниот албум „Екатерина Велика“ од 1985 година. Изложбата ќе биде ќе биде отворена во Галеријата МКЦ, со обраќање на неговиот брат Боривој Герзиќ.

По повод годишнината од смртта на Дејвид Боуви, во музичкиот дел на прославата на МКЦ, во денсинг салата е планиран tribute-концерт „Паднатите од Марс“, во изведба на „Фолтин“, а во чест на легендарниот уметник.

Во програмата во кино Фросина е предвиден поетскиот перформанс „Песнило“ на кој ќе настапат десетина поети кои ќе се обидат „своето беснило да го искажат во поетска форма“.

Во бифето во МКЦ ќе настапат „Тhe Funk Soul Brothers“ од Србија со сетовите со фанк, соул, џез, диско фанк, афробит…

Во киното „Милениум“ е најавен 24-часовен бесплатен филмски маратон со селекција на филмови од „Cinedays“ 2016-та, а се отвора и МКЦ – Urban store, „Ап(о)тека“.

Прославата на 45-тиот роденден започнува од 20 часот, а влезот е слободен.