РЕТРОактива – регионален проект за граѓанскиот активизам и отпорот

Post Image

Регионалниот проект РЕТРОактива претставува заеднички напор на повеќе организации да направат ретроспектива на граѓанскиот активизам и отпорот во постјугословенскиот регион во периодот 1980-2016 година.

РЕТРОактива е заеднички проект на ГОНГ од Хрватска, Центар за културна деконтаминација од Белград, ЦИВИЛ – Центар за слобода од Скопје, Анима – Центар за мировно и женско образование од Котор и Хелсиншкиот граѓански парламент од Бања Лука, чија цел е документирње и афирмирање на најинтересните активистички и уметнички иницијативи во текот на изминатите 30 години во постјугословенскиот регион.

„Се работи за активности преку кои се преиспитувале и денормализирале доминантните дискурси на национализмот, економскиот либерализам, милитаризмот и кршењето на човековите права од сите аспекти“ – изјави за  ЦИВИЛ Медиа, Марина Шкрабало  од ГОНГ

На 13-ти април во Загреб ќе биде отворена голема изложба на одбрани активистички и уметнички дела од целиот регион, која ќе ја обликува КУРЗИВ – Платформа за прашања на културата, медиумите и општеството од Загреб.

Паралелно со изложбата ќе се одржи и голема регионална конференција која ќе даде (само)критички осврт на достигнувањата, пречките и пропустите на граѓанскиот активизам и уметничкото дејствување и обликувањето на нашите јавни простори, политиките и општествените ставови и односи. Делата изложени во Загреб ќе бидат на располагање и за други изложби во регионот.

Наместо еднократни публикации, документацијата, дебатите и текстовите собрани или креирани во рамките на проектот, ќе бидат трајно достапни на веб-страницата со работен наслов „Активистички споменар“ која ќе може да се надополнува и да послужи како „учебник“ за прогресивните активистички и уметнички иницијативи во постјугословенските земји од крајот на 80-те (пред војните и распадот на СФРЈ) до 2016 (во светлина на актуелната криза на демократијата и безбедноста ширум Европа).

Проектот е поддржан во рамките на програмата Европа за граѓаните.