Караванот на слободата ги размрда и кавадарчани

Караванот на слободата го одржа третиот голем мултимедијален настан во Кавадарци на 19 август. Тричасовниот концерт го отворија ПМГ Колектив, а по нив настапија домаќините Смоук шејкерс, по што следуваа настапите на виртуозите од Шутка рома рап, а концертот заврши со акустичен настап на Бени и Нон Стоп.
Покрај музичарите, на големата сцена настапија актери и поети, а во текот на целиот настан се одвиваше и ликовната работилница и изложба „Слобода во боја“. Караванот продолжи и со хуманитарната акција за помош на настраданите од поплавите во Скопје. Пред сцената беше поставен хуманитарниот штанд, на кој кавадарчани имаа можност да донираат помош за поплавените.
На дебатата „Македонија: со или без слобода“ учествуваа адвокатот Жарко Стеваноски од Прилеп, режисерката и активистка Ирена Стеријовска од Скопје, Душко Груевски од здружението на граѓани „За нас се работи“ од Битола и граѓанскиот активист Ненад Јовановиќ од Кавадарци. Дебатата ја водеше Марија Теговска, политиколог и истражувач на ЦИВИЛ. Покрај панелистите, во дискусијата учествуваше и публиката, со прашања и сугестии за состојбите со човековите права и слободи во земјата.
По дебатата во малиот амфитеатар на плоштадот, настанот се пресели на големата сцена. На неа, освен музичкиот дел, настапија актерите Милан Секулоски и Марин Бабиќ, и поетесите Оливера Доцевска, Цветанка Колева и Биљана Јордановска.
Во текот целиот хепенинг активна беше и уметничката работилница „Слобода во боја“, која ја водеше академскиот сликар Мирослав Стојановиќ, а на која учествуваа и многу деца и млади од овој град.
Хепенингот во Кавадарци е третиот од вкупно девет мултимедијални настани кои Караванот на слободата ќе ги одржи во седум општини низ земјата. Целта на Караванот е преку влијанието на уметноста да се разбуди граѓанската свест и да се поттикне граѓанското учество во процесот на донесување на одлуки на локално и национално ниво.