Голем мултимедијален хепенинг во Струмица

Караванот на слободата го одржа вториот голем мултимедијален хепенинг во Струмица на 11 август. На три иполчасовниот концерт настапија бендовите Mooger Fooger, Sethstat и Wipe Out кои, преку музиката, испратија гласни пораки за слобода. На големата сцена настапија и поети, а во текот на вечерта се одржаа ликовна работилница и изложба под заеднички наслов „Слобода во боја“.
Караванот на слободата се приклучи кон хуманитарната акција за помош на настраданите од неодамнешната #поплава. Хуманитарниот штанд беше поставен на централно место, пред големата сцена.
На дебатата „Македонија, со или без слобода“ учествуваа експертката за човекови права проф. Мирјана Најческа, новинарот и поет Ѓорѓи Калајџиев и активистката Ленче Христова. Дебатата ја водеше уредникот на ЦИВИЛ Медиа, Синиша Станковиќ. Дебатата се одржа во домот на АРМ на која присуствуваа над 40 претставници на граѓанското општество, медиумите, локалните власти и заинтересирани граѓанки и граѓани. По излагањата на учесниците на дебатата, се разви динамична дискусија за состојбите со човековите права и слободи во земјата.
Од Домот на АРМ, активностите се префрлија на големата сцена во Градскиот парк, каде се обрати Џабир Дерала, кој ги повика присутните да им оддадат почит на настраданите од поплавените подрачја.
Со поетски перформанси настапија Ѓорѓи Калајџиев, Митко Гогов и Наташа Василевска Трајческа.
Во текот на целиот хепенинг активна беше и ликовната работилница на академскиот сликар Мирослав Стојановиќ, на кој учествуваа и посетителите.
Концертот во Струмица беше втор од деветте големи мултимедијални настани кои Караванот на слободата ќе ги одржи до крајот на септември, во седум големи градови во земјата. Целта на Караванот е преку влијанието на уметноста да се разбуди граѓанската свест и да се поттикне граѓанското учество во процесот на донесување одлуки на локално и национално ниво.