Стартува скопската недела на Караванот на слободата

На платото пред спомен куќата на Мајка Тереза во Скопје, денес, во 14 часот, ЦИВИЛ ќе го најави големиот мултимедијален настан на Караванот на слободата кој ќе се одржи овој петок (1 октомври). На инфо-штандот покрај информативен материјал, ќе има фото-петиција и диџеј-сетови на CIVIL Art Crew.
На големиот завршен настан на Караванот, ќе настапат Тони Зен, Бени и Нон Стоп, Мугер Фугер, Лилит и Амон Мра, Шутка Рома Рап и Кристина Арнаудова. Покрај музичките настапи, настанот ќе донесе и многу поетски перформанси, видео – проекции, како и ликовна изложба и работилница на отворено.
Караванот на слободата во изминатите три месеци одржа шест големи мултимедијални настани во Велес, Струмица, Кавадарци, Тетово, Куманово и Штип. Освен тоа, овој патувачки фестивал посети над 40 општини низ земјата и одржа десетина помали настани, на кои ги информираше граѓанките и граѓаните за неговите активности и цели.
Целта на Караванот е преку влијанието на уметноста да ја разбуди граѓанската свест за учество во донесувањето одлуки на локално и национално ниво.