„Јас сум Григор Прличе“ на Агрон Биба повторно во Скопје
Утревечер (сабота, 27 мај) во Клубот на новинарите во Скопје, со почеток во 19 часот, актерот и режисер Агрон Биба ќе ја одигра монодрамата „Јас сум Григор Прличе“. Монодрамата е напишана од самиот актер, охриѓанец, кој преку ликот на Григор Прличев ги портретира неговите лични доживувања и моменти на интроспекција, во време кога поминува низ тежок период во животот, соочувајќи се со невработеност и борба за опстанок.
Атина во 1860 година е во барање на својот идентитет, и наликува на Скопје 2014 година. Агрон Биба, во Охрид и Скопје се чувствува како Григор Прличев во Охрид и Атина, век ипол порано. И Агрон си ги наоѓа својот Мелетије и Александрос Ривас Рангавис. Клучната поента на драмскиот текст е дека името, јазикот и културата на Агрон, се потценуваат на сличен начин како името, јазикот и културата на Григор, во истиот град, 150 години подоцна. Затоа, Агрон заклучува дека тој е духовен наследник на Прличев, и гордо изјавува: „Јас сум Григор Прличе!“.
Агрон Биба дипломирал театарска режија во Тирана. Остварил повеќе впечатливи улоги во Албанскиот национален театар во Тирана, како и во Англија, каде што живее еден период од животот. Во 2008, по враќањето во Македонија, работи еден период како продуцент во ТВ Алсат-М. По неколку години невработеност, од минатата, 2015 година, е ангажиран како актер во Албанскиот театар во Скопје.
„Јас сум Григор Прличе“ во Скопје беше премиерно изведена минатата година, во копродукција со ЦИВИЛ – Центар за слобода.