Поддршка за „Фенер“, меѓународен фестивал за детски театар

Post Image

Буден театар, независен театарски колектив, објави повик за финансиска поддршка на „Фенер“, меѓународен фестивал за детски театар, кој досега зад себе има три успешни изданија.

„Свесни сме дека во Македонија не постои култура на ангажирано партиципирање во креирање на посакуваната реалност преку crowdfunding . Го превземеме ризикот поради таа причина оваа кампања да не биде наполно успешна, но нашата цел не е само да обезбедиме средства и да го реализираме фестивалот ФЕНЕР, туку да придонесеме кон градење на тој принцип на превземање на лична одговорност во создавањето на нештата кои би сакале да ги има. Ние сакаме ФЕНЕР да биде дел од детството на нашите деца, а веруваме многумина ја споделуваат оваа желба со нас. Предизвикот е да поттикнеме свесност дека секој индивидуално според своите можности може да придонесе кон нејзината реализација“, стои во повикот.

„Фенер“ е меѓународен фестивал за детски театар, кој во продукција на Буден Театар досега реализираше три успешни изданија. На светско ниво, театарот за детска публика е во постојан подем што резултира со иновации, кои ја рашируваат перцепцијата за она кое денес спаѓа под оваа уметност.

„Водени од идејата дека протокот на информации е клучен за Македонија да биде во тек со новите светски тенденции во детскиот театар, го создадовме фестивалот Фенер , како прозорец кон најдоброто од оваа уметност и постојана база на инспирација на идните македонски творци на детски театарски претстави“, се вели во соопштението.

Фенер e фестивал кој во центарот на вниманието ги поставува децата,но е насочен и театарските професионалци кои создаваат за детска публика. Фенер претставува исчекор напред во културната понуда наменета за детската публика, нудејќи иновативна и внимателно селектирана програма која ги таргетира различните возрастови категории, како и активности кои ја развиваат детската креативност, го провоцираат детското љубопитство и стимулираат кон нови откритија. Програмата на Фенер е конципирана во три сегменти: – ревијален дел, кој вклучува презентација на селектираните претстави – креативни работилници, наменети за развивање на имагинативноста и стекнување на нови вештини кај децата – едукациски дел, наменет за театарски професионалци.

Сите оние кои сакаат да и помогнат на оваа иницијатива имаат можност тоа да го сторат уште два дена. Побрзајте!