Заложби за културна ренесанса, со рок против турбо-фолк!

Post Image

Rock’n’Roll-от како soundtrack за новото Министерство за култура на  Македонија е темата на денешната трибина што ќе се одржи во џебното кино на Младинскиот културен центар, со почеток од 17 часот. Организатор на настанот е Центар за архивирање на македонската музика.

На трибината ќе имаат можност да дебатираат министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ- Центар за слобода, Виолета Симјановска, професорка на University Of Arts – Helsink, д-р Јулијана Папазова, професорка на Факултет за музичка уметност и музичарите: Влатко Стефановски, Петар Младеновски и Петрит Сарачини.

ЦИВИЛ Медиа разговараше со Тошо Филиповски, еден од организаторите и модератор на трибината.

„Идејата е рокенролот да го понудиме како соундтрак на оваа влада, водејќи се од некои негови урбани параметри, по кои Владата треба да се води, спроведувајќи ги планираните реформи. Тоа е пошироката димензија на настанот.  А, поконкретно е инсистирањето на рок сцената како дел од културното живеење, барање за еднаков третман со другите уметности во постојните и во некои идни програми на Министерството за култура“, вели Филиповски осврнувајќи се на идејата за организирање на ваков настан.

„Сметаме дека рок музиката не е само музички и поетски израз, туку е симбол на слобода, креативност и многу други прогресивни општествени вредности. Ако новата власт тежнее кон модерна и слободна држава, треба да ги прифати тие особености“, потенцира модераторот.

„Како што би рекол Рамбо Амадеус најпопуларната музика во едно општество е огледало на политичката елита, што го води општеството. Е па, ние како рок сцена, доста ни е од турбо фолк манирите на досегашната елита и ја предупредуваме новата. Со години се маргинализира една уметност, може да се рече и дека целосно се игнорира. Сметаме дека сме сериозен фактор во културното живеење на оваа држава“, заклучува Филиповски.

Како што е наведено во најавата за настанот, организаторите со оваа трибина очекуваат да отворат повеќе прашања и да постават неколку барања.

„Положбата на рок музиката како јавна потреба со исклучително долга традиција и неспорен квалитет, во идната стратегија на Министерството за култура. Инсистирање за подобрување на положбата на рок музичарите и нивниот статус во општеството низ постоечките или нови програми на Министерството. Потреба од постоење на потпрограмска линија за рок музика во рамките на Министерство или именување на стручни луѓе во комисиите, што одлучуваат за постоечки и идни проекти коишто се однесуваат на рок музиката, музичарите и заложба за преиспитување и можни измени, преку јавни дебати, на функционалноста на постојните музички програми и проекти на Министерството за култура, вклучително и разни субвенции за музика што директно или индиректно досега ги одобрувало министерството“, се вели во повикот за трибината.