ЦИВИЛ со дебата „Жените во политиката“
ЦИВИЛ – Центар за слобода во рамки на Караванот на слободата, денес, на 18.10.2016 (вторник) во 12:00 часот, во хотелот „Сити Парк“ во Скопје, организира дебата на тема „Жените во политиката“.
Преку видео изјави, свое мислење за местото на жените во политиката, на дебатата ќе дадат претставнички од повеќе политички партии во Македонија: Радмила Шекеринска од СДСМ, Теута Арифи од ДУИ, Лилјана Поповска од ДОМ и Влера Ејупи од Движењето за реформи – ДПА.
Панелистки на дебатата ќе бидат истакнатите граѓански активистки и експертки од областа на родовата еднаквост и правата на жените, Марија Савоска, Ана Василева и проф. д-р Катерина Колозова, а модераторка ќе биде новинарката Моника Талеска.
Дебатата е дел од активностите на Караванот на слободата, кој во изминативе три месеци организираше повеќе видови активности во над 40 општини низ целата земја, вклучувајќи концерти, уметнички работилници, поетски и театарски перформанси, како и дебати и дискусии кои опфаќаат различни културни и општествени прашања кои се важни за граѓаните.