Караванот на слободата пристигна во Кавадарци

Караванот на слободата денеска на пладне одржа прес конференција на која го најави утрешниот мултимедијален настан во Кавадарци. Тимот на ЦИВИЛ ги информираше присутните претставници на медиумите и граѓанските активисти од Кавадарци, за идејата на проектот и за сите содржини Караванот.
Утрешниот настан започнува во 18:30 часот на градскиот плоштад во Кавадарци со дебата на тема „Македонија: со или без слобода“ и продолжува со многу музика, поетски и уметнички перформанси, ликовна работилница, изложба на отворено и видео проекции.
За добра забава ќе се погрижат Бени и Нон Стоп, Шутка Рома Рап, ПМГ Колектив и кавадарчаните Смоук Шејкерс.
Караванот на слободата на ЦИВИЛ ќе посети над 30 општини низ целата земја, а на програмата се наоѓаат девет големи мултимедијални настани со учество на над 150 музичари, над 40 поетеси и поети и исто толку визуелни уметници, околу триесет учесници на дебатите и низа други уметници, интелектуалци, познати личности и активисти. Проектот е поддржан од УСАИД.