Голем мултимедијален настан на Караванот на слободата во Кавадарци

Post Image

Во петок (19.08) во Кавадарци продолжува серијата мултимедијални настани на Караванот на слободата. На големата сцена на градскиот плоштад, кавадарчани ќе ги забавуваат Бени и Нон Стоп, Шутка рома рап, ПМГ Колектив и Смоук Шејкерс. Покрај многу музика, настанот ќе биде збогатен со поетски читања, ликовна работилница, изложба, дебата и видео проекции.

Leaflet Kabadarci 01f

Настанот почнува од 18:30 со дебата на тема „Македонија: со или без слобода“, на која ќе учествуваат адвокатот Жарко Стеваноски од Прилеп, режисерката и активистка Ирена Стеријовска од Скопје, отец Душко Груевски од здружението на граѓани „За нас се работи“ од Битола и граѓанскиот активист Ненад Јовановиќ од Кавадарци ,а дебатата ќе ја модерира, Марија Теговска од ЦИВИЛ – Центар за слобода.
Караванот на слободата продолжува со хуманитарните акции за настраданите во неодамнешните поплави. Покрај сцената во Кавадарци ќе биде поставен штанд на кој посетителите ќе можат да ги остават своите донации.
Стихови за слободата ќе читаат актерите Милан Секулоски и Марин Бабиќ и поетесите Оливера Доцевска, Биљана Јордановска и Цветанка Колева. Уметничката работилница и изложбата „Слобода во боја“ ќе ја предводи академскиот сликар Мирослав Стојановиќ.
Бени и Нон Стоп, Шутка рома рап, ПМГ Колектив и Смоук Шејкерс се задолжени за „Музиката на слободата“ која започнува во 20:30 часот.

Караванот на слободата на ЦИВИЛ ќе посети над 30 општини низ целата земја, а на програмата се наоѓаат девет големи мултимедијални настани со учество на над 150 музичари, над 40 поетеси и поети и исто толку визуелни уметници, околу триесет учесници на дебатите и низа други уметници, интелектуалци, познати личности и активисти. Проектот е поддржан од УСАИД.