„Симбиоза“: Песни за фузија на различностите

Post Image

Вокалниот ансамбл „Симбиоза“ вечерва ќе настапи во Струга  во холот при Центарот за култура „Браќа Миладиновци“, со почеток од 20 часот. За идејата за формирање на еден мултиетнички и мултикултурен хорски состав, ЦИВИЛ Медиа разговараше со диригентот Бехар Весели.

simbiozis 02

„Вокалниот ансамбл ‘Симбиоза’ започна како резултат на пријателството со мојот колега, композиторот Дамјан Темков, со кого летотo 2015 година ја започнавме оваа убава приказна. Нашата идеја ја пренесовме кај учениците од албанската и македонската паралелка во средното музичко училиште ‘Илија Николовски-Луј’ и формиравме хорски состав. Програмата која ние ја изведуваме е составена од песни од различни народи кои во минатото имале конфликти и нетрпеливост. Користиме песни од фолклорот од тие земји и од две песни правиме фузија на различности, една композиција. Затоа и самото име на хорот е ‘Симбиоза’“, објаснува Весели.

simbiozis 01

 

„Пораката која сакаме да ја испратиме е дека колку и да имаме различности, ако се фокусираме на сличностите, можеме да функционираме заедно, да одиме по заеднички пат, со почит, со толеранција, со разбирање за културата, за јазикот на другиот до нас, со кого го делиме секојдневието. Таа порака денеска во Струга ќе ја испратиме по осми пат“, вели диригентот Весели.

Хорот „Симбиоза“ досега секогаш наидувал на позитивна реакција од публиката, без разлика на, како што вели Весели, моменталната политичка ситуација, која наметнува нешто друго во нашето секојдневие.

Хорист(к)ите досега настапиле на Скопско лето, во Штип, Приштина, Скопје, Куманово, Тетово и Гостивар.

Марија Теговска